Бабина Торта

Бабина Торта

Бабина торта е познат десерт во кој сите уживаме кога сме во посета на Берово.

Изобилство на ореви и арома која не се заборава. Кога конечно дојдов до рецептот благодарение на пријателка од Берово, се израдував многу и веднаш решив да ја испробам.

Вкусот на бабина торта не се заборава, особено кога е сервирана со вкусно слатко од јагоди. Иако процесот трае неколку дена поради отстојувањето на корите и потоа отстојувањето на целата торта за да омекнат корите додатно, навистина вреди!

Ова класична торта е потсетник на убавината на едноставноста. Можеби ќе биде совршеното изненадување за вашите најмили за новогодишните и Божиќните празници.

Бабина Торта Рецепт

Потребно за корите:

2 јајца

200 мл млеко

2 лажици маргарин или масло за готвење

1 лажичка сода бикарбона

600 гр брашно, +/ – 1 до 2 лажици

1 лажица шеќер

Прстофат сол

Подготовка:

Од сите состојки замесувате тесто и го делите на 9 еднакви топчиња. Секое топче се расукува во големина на плех број 30. Секоја од корите се пече на хартија на обрнат плех, 5 минути на 200 степени Ц.

Испечените кори треба да отстојат 2 дена, па потоа се спојува тортата.

Вака изгледаат корите кога ќе се испечат:

Потребно за филот:

650 гр млеко

600 гр шеќер

200 гр путер

100 гр чоколадо за готвење

1 кесичка ванилин шеќер

500 гр мелени ореви

Подготовка:

Сите состојки, освен оревите, се готват на средна температура да се растопат и соединат убаво. Се готви 3 до 4 минути по зовривањето. Ги додавате и оревите и мешате. Тргнете на страна. Додека е филот врел, преминувате на спојување на тортата.

Поделете го филот на 9 еднакви делови за да имате иста количина на секоја кора.

Плехот треба да е подлабок затоа што филот е течен.

За составување на тортата:

Редите кора па фил до крај. Притискате малку одозгора да се спои уште поубаво.

Пред сечење, тортата треба да отстои 2 до 3 дена за да омекнат корите.

Декорацијата е традиционално со мелени ореви, но можете и по ваша желба.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 9000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Leave a Reply

Your email address will not be published.