Оваа брза Шварцвалд торта без печење е поедноставна верзија на оригиналната Шварцвалд торта, а сепак исто толку сочна и ќе ве воодушеви.
Совршен избор за летниот период; нема потреба да поминувате часови пред топлата рерна за да ја подготвите. Напротив, за многу кратко ќе имате извонреден десерт во кој сите ќе уживаат.
Може да биде и одличен избор за роденденска торта или пак за некој друг посебен момент. Ми се допадна најмногу што е совршено избалансирано благото од бисквит подлогата и киселото од вишните. Секој залак се топи во уста и ве освежува.
Не е воопшто ,,тежок” десерт и топло ви го препорачувам, особено ако веќе сте обожавател на безвременската шварцвалд тортата. Препознатлив десерт кој привлекува и со изгледот и со вкусот!
Брза Шварцвалд Торта без Печење Рецепт
Подлога:
300 гр мелени бисквити или Плазма
100 гр мелени ореви
125 гр путер несолен, растопен
100 мл млеко
50 гр чоколадо за готвење, истопено
Подготовка:
Измешајте заедно убаво и префрлете во тава со обрач број 24 или 26. Израмнете убаво.
За филот со вишни:
300 гр вишни
100 гр вода
3 лажици шеќер
Посебно изматени:
2 лажици густин во малку вода
Вишните ги ставате со водата и шеќерот да зовријат. Додајте го и густинот. Гответе околу 2,3 минути да добиете густ фил.
Додека е топло, го нанесувате врз подлогата. Оставете да се олади.
За филот со крем сирење:
500 гр маскарпоне или друго крем сирење
100 гр шеќер во прав
Изматете го со миксер, 2 до 3 минути. Додајте 300 гр слатка павлака. Матете уште 2, 3 минути. Можете, но и не мора да додадете 1 кесичка желатин подготвeн според упатство.
Ставете го врз оладениот фил од вишни. Израмнете убаво и покривате со ганаш крем.
За да го подготвите, потребно ви е:
200 гр слатка павлака
200 гр чоколадо за готвење
Загревате на топло, но не треба да зоврие. Полијте ја тортата со ганашот и декорирајте и сечете по желба!
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 8500+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!