За сите вас кои сеуште се мислите која торта да ја направите за овој празничен период, топло ви ја препорачувам добро познатата чемберлен торта во новогодишно издание.
За да ги направиме овие празници малку поубави поради целата ситуација, креативноста секако многу ни помага!
Кога сме креативни, исполнети сме со позитивна енергија, се чуствуваме убаво затоа што создаваме нешто и тоа е незаменливо чувство.
А со декорацијата на оваа торта, навистина можете да си ја покажете вашата креативност…
Торта Полна со Магија за Целото Семејство да е Среќно
На торта со ваков вкус и ваква декорација, нема некој што нема да се насмее и да се почуствува убаво.
Плус, можеби ви изгледа комплицирано, но всушност можете да ја постигнете оваа декорација во неколку едноставни чекори.
Ајде првин да го видиме рецептот за тортата па потоа ќе ги споделам и декорациите.
Чемберлен Торта Рецепт
Оваа торта е одлична за сите кои сакаат кремасти, чоколадни торти богати со ореви.
Исто така, може да биде и добар избор за помалку искусните во правењето торти-нема многу комплицирани чекори, туку само треба внимателно да ги следите и ќе добиете превкусна торта.
За кората (потребни ви се 6 вакви):
3 белки
3 лажици шеќер
1 лажица оцет
Пенасто изматете ги состојките, па додајте:
50 гр сецкани ореви
1 лажица брашно
Измешајте и префрлете во тавче број 24.
Печете на 200 степени Ц, околу 15 минути.
Фил бр 1
800 мл млеко
300 гр шеќер
Ставете ја смесата да се готви и кога ќе почне да врие, додајте:
200 мл млеко измешано со 10 лажици брашно и 5 жолтки
Гответе додека не добиете густ крем.
Фил бр 2
13 жолтки
150 гр шеќер
Изматете ги состојките и гответе ги на пареа, околу 20-25 минути.
Потоа, измешајте ги филот 1 и филот 2 и додајте им:
200 гр пенасто изматен путер со 5 кесички ванилин шеќер
Сега, овој фил поделете го на 3 еднакви делови.
Едниот останува без да додавате ништо (тоа ќе биде жолтиот фил)-а во наредниот додавате 200 гр топена чоколада, а во третиот 300 гр мелени ореви.
Составете ја тортата вака:
Кора
Чоколаден фил
Кора
Жолт фил
Кора
Фил со ореви
Повторувајте пак со останатите три кори и филовите.
За декорацијата, можете по желба, а доколку сакате да ја направите како оваа со ирвас, еве и како.
- Премачкав со жолтиот фил што ми остана.
- Изматив еден чоколаден пудинг за да ги направам шишките (горниот дел)
- Наросив шарени трошки одозгора
- За чоколадните уши, нацртав форма на хартија за печење и потоа ги обликував со стопена чоколада-кога ќе се стврднат, ги одлепувате и ги местите вертикално од страните
- За носето и очињата, користев исечок, но вие можете и од друго да си ги направите (фондан, топено чоколадо, итн.)
- Изрендав чоколадо и ставив малку од страните и одозгора
На здравје! Среќни празници!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 5000 членови кои споделуваат извонредни рецепти!