Новогодишна Магија: Елка од Лиснато Тесто со Спанаќ

Новогодишна Магија: Елка од Лиснато Тесто со Спанаќ

Секој новогодишен период има некое јадење што го обележува и сите се трудат да го имаат и на својата празнична трпеза.

Овој пат, мислам дека тоа се печивата во облик на елки! Навистина интересни, вкусни и декоративни, секој ќе ги обожава, посебно најмалите кои ќе им се радуваат премногу.

Минатиот пат ви споделив елка од тесто слично како за леб и ви се допадна премногу, па затоа одлучив да споделам и рецепт за елка од лиснато тесто, но овој пат полнета со неодолив фил од спанаќ и сирење.

Зошто да си ја Направам Оваа Елка од Лиснато Тесто со Спанаќ?

Премека, превкусна и премиризлива, мислам дека е супер опција за новогодишната трпеза. Сите можат да си кинат и да си ставаат во својата чинија колку сакаат, без потреба за комплицирано сечење.

Лиснатото тесто е за мене секогаш одлична идеја, особено ако сакате и вие како мене воздушесто и меко печиво, а не тегаво и тешко за јадење.

Ајде да го видиме рецептот заедно-доколку ја направите, би ми било големо задоволство ако споделите ваши фотографии со нас (можете во нашата ФБ група Gotvime so Jadranka, на мојот инстаграм во порака; gotvimesojadranka, или на овој пост во коментар).

Новогодишна Елка од Лиснато Тесто со Спанаќ

Потребно ви е:

100 мл топла вода

100 мл топло млеко

20 гр квасец

6 лажици масло

1 лажичка шеќер

340 гр брашно

1/2 лажичка сол

120 гр маргарин

За филот:

200 гр сецкан и зготвен спанаќ (може да си го пропржите на масло)

200 гр сирење, дробено

Подготовка:

Измешајте ги млекото и водата, квасецот и шеќерот, па потоа додајте го маслото, брашното и солта.

Замесете меко и убаво тесто и покријте го да се надигне. Потоа, премесете го и расукајте го тенко.

Нарендајте 100 гр маргарин одозгора и преклопете го 2 пати, а потоа по должина, нарендајте ги останатите 20 гр.

Потоа, тестото преклопете го уште 3 пати. Оставете го 15 минути.

Сега пак расукајте го тенко и преклопете го на половина. Исечете во форма на триаголник.

Ставете го првиот триаголник на хартија во плех за печење и додајте му од филот па одозгора ставете го и другиот триаголник.

На средината одозгора надолу, оставете околу 1,5 цм ширина, а краевите сечете ги на ленти и виткајте ги една со друга.

Премачкајте ја елката со мешавина од 2 лажици млеко и 2 лажици масло и печете во загреана рерна на 230 степени, 15 минути.

За декорација, јас користев сусам, но вие можете и да си украсите со маслинки или чери домати и други семки.

На здравје! Среќни празници <3

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 5000 членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Leave a Reply

Your email address will not be published.