Веќе некое време мислев да подготвам ваков ролат и знаев дека го најдов вистинскиот рецепт кога го видов кај @sneza_marjanovic!
Овој капри ролат (нејзиниот рецепт е со јагоди, мојот е со малини) можете да си го прилагодувате според овошјето што вие го имате или сакате најмногу и тоа ми се допадна многу.



Кремаст и освежителен, овој необичен ролат со извонреден пресек ќе ги изненади вашите најмили со преубавиот и уникатен вкус.
Чоколадо, ванила и oвошје е комбинација на која ретко кој може да одолее! Во овој ролат, овие состојки се искомбинирани совршено.
Ајде да го ѕирнеме рецептот заедно!
Капри Ролат со Малини и Ванила Рецепт
Потребно ви е:
За кората:
6 јајца
6 лажици шеќер
6 лажици брашно
2 лажици масло
1 кесичка прашок за печиво
За филот од малини:
300 гр малини
10 лажици шеќер
300 мл вода
2 пудинга од ванила
За белиот фил:
200 мл слатка павлака
200 гр крем сирење (маскарпоне)
100 гр бело чоколадо
За глазурата од чоколадо:
50 гр путер
100 гр чоколадо
За декорацијата:
200 гр шлаг
Малини, јагоди, цреши, или друго овошје по избор
Подготовка на кората:
Изматете ги 6те белки со 6те лажици шеќер. Матете додека шеќерот не се стопи и не добиете густ шлаг. Додајте ги жолтките, прашокот за печиво, брашното, и маслото.
Вклучете ја рерната на 180 степени Ц. Обложете тавче со хартија за печење и премачкајте го со путер за да не се залепи кората.
Префрлете ја смесата во тавчето и распоредете ја еднакво. Печете околу 12 минути на 180 степени Ц. Проверувајте со чепкалка дали е готова кората (доколку е сува чепкалката, кората може да се извади).
Извадете ја од рерна и заедно со хартијата, префрлете ја на отворена и чиста крпа.
Додека се лади кората, подгответе ги филовите.
За оној со овошјето:
300 гр малини, измиени и исечкани
Ставете го во тенџере и додајте го шеќерот и водата.
Нека зоврие смесата, а од моментот на вриењето, гответе уште три минути, па додајте ги двата пудинзи претходно изматени со малку вода.
Гответе уште неколку минути додека не се стегне кремот уште, мешајќи постојано. Тргнете од рингла и премачкајте ја кората со овој фил.
За чоколадната глазура:
Стопете го чоколадото и путерот на пареа или во микро. Додека е уште топла, прелијте ја врз првиот крем. Префрлете во фрижидер, околу 15 минути, да се стегне чоколадото.
За белиот фил:
Изматете ја слатката павлака и додајте го маскарпонето и претходно стопената, но малку оладена бела чоколада.
Соединете убаво и нанесете врз чоколадната глазура. Почнете да го виткате ролатот пополека, почнувајќи одоздола кон горе.
За декорацијата:
Изматете го шлагот со чаша кисела вода. Премачкајте го целиот ролат. Декорирајте со овошје и други состојки по желба.
Нека се олади убаво во фрижидер, најдобро преку ноќ да отстои.
Сечете по желба и уживајте!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 10,000+ прекрасни членови кои споделуваат извонредни рецепти!