Крофни, Вкусот на Детството Што не се Заборава

Крофни, Вкусот на Детството Што не се Заборава

Крофните се со сигурност еден од оние десерти што не поврзува со детството. Мирисот во домот кога се подготвуваат не може да се заборави!

Денеска, крофните се сеуште еден од најпознатите и најчесто подготвуваните десерти низ светот.

Без разлика дали ги подготвуваме често или од време на време, не можеме да одолееме на нивната мекост и секогаш ги снемува на брзина.

Овде на балканот, крофните најчесто се пржат во врело масло, иако се доста калорични. Но, доколку ги јадеме умерено, можеме да уживаме во нив!

Тие се со средна големина, можат да бидат со празнина внатре или не и се декорираат едноставно-со шеќер во прав или чоколаден крем.

Но, денес, многу луѓе ги подготвуваат на многу различни начини-додаваат разни глазури, ги печат наместо да ги пржат, па дури имате и специјализирани кујнски апарати за мали крофни.

Во светот, едни од омилените и најпознатите видови на крофни се Чуросите во Шпанија, Локомадес во Грција, Берлинските крофни во Германија и бомболините во Италија.

Мојот Супер Рецепт за Вкусни Крофни Секој Пат

Крофните во мојот дом ги подготвувам често и испробувам нови рецепти. На овој рецепт секогаш се навраќам, па затоа сакав да го споделам со вас.

Рецептот е лесен за следење и погоден дури и за оние кои прв пат се обидуваат да ги направат.

Состојките можете да ги најдете во вашиот најблизок маркет и нема да ве чини многу.

Иако денес можете да купите крофни од локалните пекари или други специјализирани продавници за слатки, зарема има нешто поубаво од домашни крофни?

Мислам дека нема!

Ајде да го погледнеме рецептот заедно и да ги засукаме ракавите 🙂

Домашни Крофни Рецепт

Ќе ви требаат овие состојки:

600 грама брашно

150 мл. кисела вода

1 коцка квасец

1/2 пециво

4 лажици шеќер

125 мл масло + за пржење

малку сол

1 кесичка ванила

сок од 1 лимон

изрендана кора од 1 лимон

Подготовка:

Од горните состојки, измесете убаво меко тесто и оставете го да одмара 40 минути.

Совет: Ако тестото е премногу лепливо, не додавајте брашно туку префрлете го со малку мокри раце во тавче премачкано со масло.

Потоа, расукајте го тестото и почнете да ги вадите посакуваните форми. Ова можете да го правите со горниот дел од чаша и сите ќе ви бидат еднакви.

Оставете ги 20 минути да се одмарат и да се надигнат.

Во меѓувреме, наполнете едно тавче со масло и кога ќе почне да врие, може да се почне пржењето.

Пуштајте ги формите во маслото и пржете неколку секунди на една страна па свртете ги на другата. Кога ќе имаат златно-кафеава боја, време е за вадење.

Ставете ги на чинија прекриена со хартија која ќе ја впие вишокот мрснотија. Доколку ги сакате полнети со крем, можете да ги наполните така што ќе направите дупка со обичен или пекарски шприц.

Јас ги декорирав со шеќер во прав, иако вие имате и други опции, зависно од вашите желби или вкус.

Други предлози се цимет во прав, течна бела или црна чоколада или некоја сосема друга глазура.

На здравје!

Ако сте во потрага по нешто помалку калорично и непржено, мислам дека овој рецепт за крафини ќе ви се допадне многууу!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 8000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *