Оваа миризлива и превкусна штрудла со јаболки и ванила изобилува со извонредни вкусови и навистина ми се допадна многу, па решив да го споделам рецептот и со вас.
Може да се направи и со обични кори, но и со кори од хељда, кои морам да спомнам ми се едни од највкусните, најмеките и најомилените.
Дали солен или благ фил, секогаш се супер избор.
Што е Хељда и Зошто Вреди да ја Пробам?
Хељдата можеби е нетипична за овие простори, но благодарност на денешната распространетост на информации и производи, се повеќе и повеќе се користи и се дознава за нејзините придобивки.
Хељдата е таканаречена псевдо житарка-или вид на семе што потекнува од северните азиски и американски земји. Често е дел од ладни салати, супи и чорби, а често е и замена за ориз.
Тука е и извонредното брашно од хељда кое го обожавам-совршено е за разни пити, лебови, плескавици, итн.
Овие кори од хељда се готови и можете да ги најдете во некои супермаркети.
Хељдата има неколку важни придобивки за нашето здравје, како поздраво срце, помалку воспаленија, подобро дигестивно здравје, и многу други.
Зошто да ја Направам Оваа Штрудла со Јаболки и Ванила?
- Премека е и корите не се воопшто тегави
- Комбинацијата на ванила, цимет и јаболки е незаменлива
- Може да биде супер идеја за појадок или десерт
- Супер комбинација е со шолја кафе или чај
- Лесно и и брзо се подготвува
Штрудла со Јаболки и Ванила со Кори од Хељда
Потребно ви е:
1/2 кг готови кори од хељда
3 јајца
200 гр шеќер
200 гр масло
150 гр гриз
1 кесичка прашок за печиво
800 гр рендани јаболки
Цимет
Ванила
Подготовка:
Измешајте ги јајцата, маслото, гризот, и прашокот за печиво. Наредете три кори и потоа премачкајте ги со филот. Повторувате додека имате состојки.
На последните кори, ставате и од изренданите јаболки претходно измешани со шеќерот, циметот и ванилата. Кратко ги загревате за да се стопи шеќерот.
Потоа, ги виткате корите како за ролат и сечете по желба. Префрлувате во тавче и печете 30 минути на 200 степени Ц.
За декорација, јас користев шеќер во прав. Вие можете и нешто по ваш вкус.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 6500+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!