Денес е убав ден, денес ми е роденден!
А за родендените, веќе знаете дека секогаш се трудам да испробам нова торта. И секоја од нив ми е задоволство да ја споделам со вас.
Овој пат, одлучив да ја подготвам Капри тортата, но на мој начин. Има четири превкусни филови од кои два се овошни и мислам дека е совршен избор за овие високи температури во кои сите уживаме!
Овошна и кремаста, иако има четири филови, не е претешка за правење.
Корите се едноставни и меки и се дополнуваат со филовите совршено. Пресекот ќе ве остави без зборови, а сите кои обожаваат јагоди и вишни мора да ја пробаат!
Иако јас ги користев овие две овошја за филовите, вие можете да си експериментирате и да си изберете некое по ваш вкус, на пример малини или некое друго шумско овошје.
Совршено блага и кисела, Капри тортата е вистинско уживање…
Доволно зборував, ајде да го видиме рецептот заедно!
Капри Торта со Јагоди и Вишни Рецепт
Потребно ви е:
За кората (3 вакви ќе ви требаат):
5 белки
5 лажици шеќер
1 лажица оцет
6 лажици мелени ореви
1 лажица презла
1 лажица брашно
Подготовка:
Белките и шеќерот се матат пенасто. Се додава оцетот и се мати уште еднаш убаво.
Додајте ги оревите, брашното и презлата. Со лажица соединете ја смесата. Префрлете во тава број 25×35. Печете на 180 степени Ц околу 20 минути (зависи и до вашиот шпорет, можеби ќе треба повеќе или помалку).
Фил бр 1
400 мл млеко
8 лажици шеќер
Ставете во тенџере да зоврие.
На страна изматете:
200 мл млеко
2 пудинга од ванила
8 жолтки
Додајте ја смесата во млекото што врие. Гответе да добиете густ крем. Во врелиот крем додајте и 125 гр путер, 200 гр бело чоколадо и 3 кесички ванилин шеќер.
Изматете убаво да се растопат состојките.
Тргнете на страна и покријте со стреч фолија да се олади.
Кога ќе се олади, со миксер изматете убаво.
Фил бр 2
400 мл млеко
8 лажици шеќер
Ставете во тенџере да врие.
Кога ќе зоврие, додајте посебно изматени:
200 мл млеко
7 жолтки
2 пудинга од чоколадо
Гответе да добиете густ крем. Во подготвениот крем додајте и:
200 гр црно чоколадо
125 гр путер
3 кесички ванилин шеќер
Убаво измешајте да се растопи се. Тргнете на страна и покријте со стреч фолија. Кога ќе се олади, изматете со миксер.
Фил бр 3 (Јагоди)
300 мл вода
6 лажици шеќер
300 гр јагоди, свежи или замрзнати
Ставете да зоврие. Гответе уште 5 минути после зовривањето и додајте посебно изматени:
100 мл ладна вода
4 лажици густин
Гответе да добиете густ крем.
Покријте со стреч фолија и нека се олади, ама не целосно. За составувањето на тортата, овој фил треба да е млак, не целосно оладен!
Фил бр 4 (Вишни)
300 мл течност од компот од вишни заедно со вишните
6 лажици шеќер
Ставете да зоврие и гответе уште 3,4 минути.
Посебно изматете:
100 мл ладна вода
4 лажици густин
Додајте го ова на вишните и продолжете да готвите да добиете густ крем. Тргнете на страна да се олади малку, ама не целосно. Треба и овој фил да е млак за составувањето.
Составете вака:
Кора
Фил бр 1
Фил бр 4
Кора
Фил бр 2
Фил бр 3
Кора
За прекривање на тортата, се прави чоколаден ганаш од 200 мл слатка павлака и 200 гр чоколадо за готвење. Топете на пареа или на тивко, само да се растопи, не да почне да врие.
Нека се олади малку па ја прекривате целата торта, поливајќи одозгора.
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 7800 членови кои споделуваат извонредни рецепти!