Најдобриот Рецепт за Редена Баклава со Ореви

Најдобриот Рецепт за Редена Баклава со Ореви

Дали сте знаеле дека баклавата каква што ја знаеме денес се верува дека потекнува од Турција и дека била создадена за време на Отоманската Империја, а потоа модифицирана во Грција?

Денес, многу земји од медитеранот имаат своја верзија на баклава и секоја од нив се разликува од останатите преку некоја мала измена во рецептот.

Баклава: Безвременскиот Десерт кој Освојува Генерации

Баклава е еден од моите омилени десерти и обожавам да ги подготвувам во различни варијанти; од суканата на игла полиена со течно чоколадо до редена баклава која изобилува со ореви, со овој десерт никогаш не може да ви биде досадно!

Неодамна правев редена баклава со ореви и мирисот и вкусот беа незаменливи. Овој безвременски десерт никогаш не престанува да ме изненадува позитивно, па затоа и одлучив да го споделам рецептот со вас!

Зошто е Домашна Баклава секогаш Добра Идеја за Десерт?

Го обожавам овој десерт поради тоа што ви дозволува да експериментирате и лесно да си го најдете оној рецепт кој вам ви одговара.

Според мене, секој треба да знае барем еден рецепт за баклава затоа што е класичен незаменлив десерт кој ве освојува на прва, особено ако сте љубител на десерти со ореви и шербет.

Како и да е, иако можеби никогаш нема да дознаеме точно каде и како баклавата настанала, едно е сигурно: овој десерт останува омилен на луѓе од целиот свет!

Редена Баклава со Ореви Рецепт

За шербетот:

750 гр шеќер

700 мл вода

1 лимон исецкан на кришки

2 кесички ванилин шеќер

Подготовка:

Ги ставate состојките за шербетот во тенџерче да зовријат. Откако ќе почне да врие смесата, готвите уште 5 минути. Ставате на страна да се олади убаво.

Останати состојки:

500 гр. кори

За филот:

500 гр. ореви, половина сецкани половина мелени

2 лажици презла

2 лажици шеќер

Масло за јадење

Подготовка:

Првин, наредете четири кори и премачкајте ги само со масло за јадење.

Потоа, на секоја втора кора, распоредувате по три лажици од филот. Ова го повторувате до крај. Сите кори треба да се премачкаат со масло. Последните две кори не ги филувате, туку само ги премачкувате со масло.

Пред печење, се сече по желба, јас ги сечев на триаголници и навистина изгледаат убаво за сервирање. Печете 1 час и 30 минути на 150 степени Ц во тавче 25×30. Кога ќе ја извадите, веднаш ја преливате со добро оладениот шербет.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 8000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *