Нема нешто поубаво од домашни кифлички.
Нивниот вкус, мирис и изглед е нешто посебно и секогаш го бараме вистинскиот рецепт. Овој што ќе го споделам со вас го користам веќе со години и ми е од една многу драга пријателка.
Секогаш кога ќе ги подготвам, добивам коментари од типот ,,ова се најубавите кифлички што сум ги пробал/а”, ,,вакви кифлички никаде нема!”, ,,мораш да го споделиш рецептот со мене!”, итн.
Затоа што знам колку ни се омилени за време на празниците и колку ни се важни на празничната трпеза, со задоволство го споделувам рецептот со сите вас.
Може да останат празни внатре или пак да бидете уште покреативни да си ги наполните со секакви превкусни филови, од сирење и кашкавал до павлака и кајмак.
Ајде да го видиме рецептот заедно!
Најмеките Домашни Кифлички Рецепт
Потребно ви е:
1 кг брашно
2 јајца
200 мл млеко
200 мл вода
200 мл масло за готвење
1 квасец
3 лажички шеќер
3 лажички сол
Останато:
сусам, крупна сол, ким
1 жолтка
Останати состојки:
1 путер или 1 маргарин, отстоен на собна температура
Подготовка:
Замесете убаво тесто од состојките и потоа поделете го на три еднакви делови.
Поделете го секој од трите делови на четири топчиња кои ги сукате со сукало во форма на чинија (средна големина). Го премачкувате секое со маргарин или путер и ги редите едно врз друго (по четири парчиња). Последното не го премачкувате.
Трите топки кои ќе ги добиете ги сукате на една голема кора и ги сечете на 16 триаголници. Доколку сакате да им ставите фил, го нанесувате на секој триаголник пред виткањето.
Го виткате секој триаголник од краевите кон средината, а потоа страната со врвот ја превртувате да биде одоздола за време на печењето. Можете и да ги накривите од страните да добиете уште поубава форма како месечинка.
Ги премачкувате со жолтка и ги поросувате со сусам, крупна сол или ким . Оставете ги да отстојат така еден час па потоа ги печете на 200 степени Ц, 20 минути (зависи од рерната).
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која брои скоро 10,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти!