Неодоливо Кремасти Шам Ролни со Ванила Фил

Неодоливо Кремасти Шам Ролни со Ванила Фил

Минатиот пат кога го споделив рецептот за Велигденските морковчиња од лиснато тесто, ви кажав и дека ќе го споделам рецептот за благата верзија, т.е. за неодоливо кремасти шам ролни.

Се надевам дека поминавте убаво за празниците и дека уживавте во убава храна!

Ако десертите што ги подготвивте ви се при крај, тогаш сте на вистинското место.

Интересен факт:

Шам ролните (schaumrollen or schillerlocken) е печиво со потекло од Австрија.

Овие ,,торбички” од лиснато тесто најчесто се полнат со шлаг од белки или крем фил. Постојат и благи и солени верзии, а благите се вообичаено сервирани со шеќер во прав пред или после печење.

Необичното второ име се поврзува со портретот на Фридрих Шилер на Антон Граф. Тој е нацртан со крупни локни кои потсетуваат на самата форма на шам ролните.

Зошто да го Направам овој Десерт?

Шам ролните се класичен и добропознат десерт со многу различни верзии. Сите се прекрасни и затоа овој десерт не може никогаш да ви здосади затоа што ви дозволува да експериментирате.

Рецептот што јас ќе го споделам со вас е со домашно лиснато тесто кое го наполнив со крем фил со ванила. Сите кои пробаа рекоа дека се одлични и дека не е лесно да се изеде само едно!

Одлична блага комбинација, крцкав, мек и миризлив десерт.

Не само што се фотогенични, туку имаат и вкус кој не се заборава!

Морам да напоменам дека за да ги направите, потребни ви се соодветни калапи кои можете да ги најдете во некои специјализирани продавници или онлајн или пак да си ги направите сами. Во ова видео можете да ја видите постапката.

Шам Ролни со Ванила Фил Рецепт

*калапи

За тестото:

500 гр брашно

250 мл кисела вода, млака

100 мл масло

1 рамна лажица сол

прстофат шеќер

Подготовка:

Замесете тесто од состојките. Месете околу 5 до 10 минути. Нека отстои 15 минути, па расукајте правоаголна кора.

Нарендајте 1/4 од коцка маргарин и преклопете како лиснато тесто. Ставете во замрзнувач 20 минути па ги вадите. Повторете уште 3 пати да го потрошите целиот маргарин (250 гр).

Кога ќе го извадите, поделете го тестото на два делови. Од секој дел, исукајте правоаголна кора и исечете ленти, околу 1 цм широки. Од секој дел треба да ви излезат 12 ленти.

Потоа секое го мотате на калапот, преклопувајќи го секое наредно делче на претходното за да не се оделуваат во печењето.

Печете 15 до 20 минути. Кога ќе се оладат, ги полните со филот. На овој линк можете да ја видите постапката за лиснато во неколку видеа!

За ванила филот:

800 мл млеко

10 лажици шеќер

Ставете во тенџере да зовријат. Кога ќе зоврие, додајте и:

200 мл млеко

2 жолтки

8 лажици брашно

1 кесичка ванила или ванила екстракт, неколку капки

100 гр маргарин/путер

Измешајте и гответе да добиете густ крем. Тргнете на страна и покријте го со стреч фолија и нека се олади. Кога ќе се олади, изматете го со миксер и полнете ги ролните со лажичка или готварски шприц.

Послужете со шеќер во прав или нешто друго по ваша желба и не заборавајте да уживате.

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 7700+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Leave a Reply

Your email address will not be published.