Одличен Појадок: Лиснати Перничиња со Сирење

Одличен Појадок: Лиснати Перничиња со Сирење

Ако сте обожавател на домашни печива колку што сум и јас, тогаш овој рецепт ќе ви се допадне многу! Овие лиснати перничиња со вкусен фил од сирење се за мене совршениот појадок за викенд.

Лиснатото тесто ми е омилено за подготовка затоа што печивата со него се превкусни и премеки. Секако, ако немате многу време, а ви се јаде вкусно печиво, секогаш имате опција и да си купите веќе подготвено лиснато.

Иако јас овој пат ги направив со фил од сирење, тоа не значи дека не можете да си ставите било каков друг фил по ваша желба.

Всушност и тоа е привлечноста на овој рецепт-можете да си го прилагодувате според моментот или според вкусовите на вашите најмили. Состојките се едноставни и нема нешто прескапо, така да е одлична опција кога сте расположени да подготвите нешто домашно, а не сакате да потрошите многу.

А еве го и рецептот!

Лиснати Перничиња со Сирење Рецепт

За да го направите лиснатото тесто, потребно ви е:

600 гр. брашно

400 мл. млеко

2 лажици масло

2 лажички сол

1 лажичка шеќер

Останати состојки:

300 гр. сирење (или други состојки по желба)

1 коцка маргарин или путер

1 јајце, изматено

Разни семки, по желба

Подготовка:

Замесете меко тесто од состојките и оставете го да отстои 30 минути. Потоа, поделете го на 3 еднакви делови и од секој дел, расукајте правоаголна кора.

Секоја од корите, премачкајте ја со дел од маргаринот/путерот, претходно отстоен на собна температура, и преклопете ја како што се преклопува лиснато. Ако не знаете како оди оваа постапка, можете да ја видите тука.

Нека отстојат 15 минути и потоа пак расукајте правоаголна кора од секој дел и премачкајте ја со маргарин/путер. Нарендајте и на секоја кора и околу 100 гр од сирењето. Кога ќе го направите ова, само преклопете ги долгите делови на правоаголникот кон внатре на секоја кора.

Овој долг правоаголник потоа го сечете на триаголници. Премачкајте ги со изматеното јајце и поросете со семки по желба.

Се печат 20 минути на 200 степени Ц.

Сервирајте со чаша јогурт или кисело млеко, на здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 8000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *