Појадок за Уживање: Лиснати Погачки со Чварки

Појадок за Уживање: Лиснати Погачки со Чварки

Доколку конзумирате месо, овие лиснати погачки со чварки се вистинско гурманско уживање. Ќе се прашувате зошто не сте си ги подготвиле до сега!

Одлични за појадок, но и во било кој друг дел од денот, овие вкусни погачки се толку воздушести и миризливи што нема да можете да им одолеете.

Кога сакаме меко тесто, лиснатото е секогаш најдобрата опција, особено кога ќе си го подготвиме во домашни услови. Јас неколку пати имам споделувано тука на мојот блог разни рецепти за лиснато тесто, како што се велигденските зајчиња полнети со фил и шам ролните со најубавиот фил од ванила.

Иако сега во секој поголем маркет можеме да најдеме чварки (џимиринки) во било кој период од годината, сега е сезоната на најубавите домашни чварки и велат дека тие се највкусни. Комбинирајте си ги овие погачки со чаша јогурт или кефир за појадок или како додаток на ручекот-секогаш се добра идеја!

А еве го и рецептот…

Лиснати Погачки со Чварки Рецепт

Потребно ви е за тестото:

500 гр брашно (+ 100 гр по потреба)

200 мл млако млеко

100 мл млака вода

100 гр масло за готвење

1/2 квасец свеж или 1 кесичка сув квасец

1 1/2 лажичка шеќер

1 1/2 лажички сол

2 белки

За премачкување на тестото:

200 гр мелени чварки

150 гр путер

2 жолтки

+ сусам

Подготовка на тестото:

Замесете убаво тесто од состојките. Нека отстои 20 минути па расукајте голема правоаголна кора.

Премачкајте ја со путерот (отстоен на собна температура) и преклопете ја како за лиснато тесто. Овде можете да видите како се прави тоа. Префрлете во замрзнувач да отстои 15 минути. Потоа, се вади тестото и повторно се расукува правоаголна кора која се премачкува со мелените чварки.

Завиткајте го тестото како за обичен ролат. Покријте го со стреч фолија и нека отстои 15 минути на собна температура.

Потоа, од тестото расукајте правоаголна кора и сечете ги погачките со чаша (големина по ваша желба). Премачкајте ја секоја со изматените жолтки и наросете сусам. Нека отстојат 20 минути па печете ги на 200 степени Ц, 20 до 25 минути.

Тестото што ќе ви остане, повторно го премесувате и ја повторувате постапката се додека не го потрошите.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 9000 членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Leave a Reply

Your email address will not be published.