Природна и Преубава Декорација на Велигденски Јајца

Природна и Преубава Декорација на Велигденски Јајца

Ако сте подготвени да ги имате најубавите и најфотогеничните Велигденски јајца, мора да ја пробате оваа природна и преубава декорација! Исто така, секогаш можете и да си ги направите со Декупаж: можете да ја видите целата постапка овде.

Овој начин на декорација кој ќе ви го покажам денес е еден од најстарите и многу од нашите мајки и баби ги декорирале нивните Велигденски јајца вака или на сличен начин.

Покрај тоа што ќе изгледаат прекрасно и ќе ја разубават вашата трпеза додатно, оваа декорација е потполно природна, без вештачки бои.

Ќе можете и да ја подготвите со најблиските. Ќе биде многу забавно и сите ќе уживаат!

Што ми е Потребно за Оваа Декорација на Велигденски Јајца?

  • 10 Бели јајца (за да може да дојде шарата до израз, потребно е да користите вакви јајца)-ова е бројот на јајца кои јас ги користев со количината на состојките подолу. Ако одлучите да декорирате повеќе јајца, можеби ќе е потребно да ги зголемите и тие состојки.
  • Разни видови на тревки, зачини (рузмарин, магданос), листови од цветови, цветови, итн. Ова е најубавиот дел затоа што изборот е навистина голем!
  • Лушпи од разни зеленчуци (на пр. кромид), неколку парчиња цвекло, спанаќ, чаеви, итн.
  • Бел оцет (2 лажици)
  • 2 лажици куркума во прав (овој зачин го користите ако сакате да добиете портокалови накај црвени нијанси)
  • тенки хулахопки или потенки чорапи
  • неколку ластичиња
  • масло за премачкување

Подготовка:

Во поголемо тенџере, ги ставате јајцата да се сварат. Доколку имаат печати, можете со малку оцет и памук да ги избришете.

Кога ќе се оладат, земате од тревките, лушпите, итн. за декорација кои ги избравте и ги ставате на јајцето и го мотате во хулахопка и го врзувате со ластиче.

Треба да биде стегнато убаво. За да поубаво се залепи тревката на јајцето, можете малку да ја намокрите на почетокот.

Го повторувате истото со останатите јајца.

Потоа, пак ги ставате во тенџере да се варат заедно со 2 лажички оцет, куркума и цвеклото и лушпи од кромид. Ако ги користите овие состојки, ќе добиете боја слична како онаа на моите фотографии.

Варете барем уште 10 минути. Ги ставате на страна да се оладат и исушат.

Ги вадите хулахопките и тревките.

Пред сервирање, ги премачкувате со масло за готвење за да имаат убав сјај.

Неколку совети:

  • Можете и само еднаш да ги варите, само што ќе треба да сте повнимателни со јајцата за да не пукнат или да се скршат
  • За да не ви пукнат во тек на варењето, можете да ставите неколку чепкалки за заби во водата
  • Можат и јајцата да се подготват со тревките и хулахопките и зачините и оцетот и да се остават 24 часа во вода (посебно или заедно, зависно од тоа каква боја сакате-на пример, ако сакате црвени јајца, оставете ги во цвекло, вода и чај од хибискус, ако сакате зелени, оставете ги со неколку листови спанаќ, итн.)

Ако сте во потрага по вкусен десерт за Велигден, ви ја препорачувам да ја пробате Швалерка тортата-целиот рецепт за оваа кремасто уживање можете да го видите овде.

Затоа што погачата е неизоставен дел од многу Велигденски трпези, оваа ролована полнета погача мора да ја пробате. Целиот рецепт ве чека овде!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 10,000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *