На оваа торта, никој не останува рамнодушен. А причината за тоа се прекрасните крцкави безе кори. Нивната текстура одлично се надопoлнува со кремастите филови во оваа пуслица торта.
Оваа торта е една од моите омилени и често ја подготвувам. Ги обожавам овие кори и мислам дека се посебни на свој начин. Можете и многу да експериментирате со нив и да си ги користите за многу други торти и десерти.
Дали Павлова Торта и Безе Кори се Едно Исто?
Важно е да спомнам дека иако Павловата торта е вид на безе кори, а безе кори се комбинација од матени белки од јајце и шеќер, тие не се исти и не се подготвуваат на ист начин.
Безе или Француски кори бараат првин да се изматат белките и потоа да се додава шеќерот. Вакви се и корите за оваа пуслица торта. Потоа се сушат подолго време во рерна на послаба температура.
Од друга страна пак, павловата торта е помалку крцкава и кршлива од десертите со безе кори.
Павловата торта има посочна средина и помека текстура и тие се печат на висока температура, пократок период. Ако сте љубител на Павлова, ви ги препорачувам да ги пробате овие мини Павлови тортички кои ги споделив со вас неодамна.
Зошто да си ја Направам Пуслица Тортата?
Навистина, пуслица тортата е совршен избор за оние кои не се најголеми љубители на едноставни торти. Кога јадете парче Пуслица торта, вие вкусувате три различни текстури.
Тука е крцкавоста на безе корите, кремастото чоколадно уживање од филовите и кремот од слатка павлака одозгора кој го создава потребниот баланс.
Предизвик во секоја смисла на зборот, оваа пуслица торта ќе се најде на вашата листа на торти кои ќе си ги подготвувате често, сигурна сум!
Пуслица Торта со Безе Кори Рецепт
За 2 кори вкупно (се сечат по половина да добиете 4):
14 белки
700 гр шеќер
2 лажици оцет
Подготовка:
Изматете 7 белки со 350 гр шеќер пенасто и матете се додека не добиете цврста смеса. Додајте и една лажица оцет.
Се префрла смесата во тавче со димензии 30×35 и ги сушите корите во рерна на 150 степени Ц, 2 часа. Повторувате исто и со другата кора.
Пред филување, ги сечете на половина.
Фил бр 1
14 жолтки
5 лажици шеќер
Се матат пенасто и потоа смесата се готви на пареа, околу 25 до 30 минути. Се додава и:
300 гр чоколадо за готвење
Ставете на страна да се олади.
Фил бр 2
300 гр мелени ореви, претходно запечени (околу 10 минути)
Попарете ги со 150 гр врело млеко.
Нека се олади и овој фил.
Фил бр 3
200 гр путер, несолен
3 кесички ванилин шеќер
Изматете го пенасто. Додајте го и ванилиниот шеќер.
Соединете ги сите три филови.
Додајте му 200 мл слатка павлака, претходно изматена.
Ја составувате тортата вака:
Кора
Фил
Кора
Фил
Кора
Фил
Кора
Фил
За покривање на тортата, јас користев слатка павлака. Друга декорација можете по ваша желба.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 8000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!