Реформ или Реформа тортата е класична, преубава, и кремаста торта во која сите љубители на чоколадо и ореви уживаат. Оваа торта е една од најпознатите кај нас и нуди уникатен и препознатлив вкус. Богата, со неколку слоеви, изобилува со ореви и незаборавен чоколаден фил.
Совршена опција е за да одбележите посебен момент во вашиот живот и може да си ја декорирате како вие ќе замислите (фондан, шлаг, итн.). Исто така, ова е една од најчестите торти подготвувани за слави, Божиќ и Велигден.
Кога ќе го подготвувате филот, секогаш одберете да биде тоа на пареа или во микробранова. Избегнувајте го шпоретот затоа што ќе завршите со фил полн со грутки кои нема да можете да го искористите!
Интересното име на оваа торта велат дека е поврзано со периодот на реформи по Втората светска војна кога чоколадо, поубави брашна, јајца и путер станале подостапни и луѓето почнале да подготвуваат побогати десерти.
Реформ Торта Рецепт
Потребно ви е за корите (4 вакви ви се потребни):
4 белки
5 лажици шеќер
100 гр мелени ореви
1 лажица брашно
1 лажица оцет
Подготовка:
Изматете ги белките и шеќерот пенасто. Додајте ги оревите, брашното и оцетот. Префрлете и распоредете ја смесата во тава број 26 доколку сакате да биде во форма на круг или во правоаголна тава со димензии 20×30.
Го повторувате истото за останатите три кори.
За филот:
16 жолтки
250 гр шеќер
300 гр чоколадо за готвење
250 гр путер
2 кесички ванилин шеќер или 1 лажичка екстракт од ванила
Подготовка:
Изматете ги жолтките и шеќерот. Ги готвите на пареа, 20 до 25 минути, постојано мешајќи додека не добиете густ крем, без грутки. Доколку имате микробранова, може и во неа да го подготвите.
Покријте ја смесата со стреч фолија и нека се олади убаво. Додајте го на смесата претходно изматениот путер со чоколадото и ванилиниот шеќер.
За да ја составите тортата:
Кора 1
Фил
Кора 2
Фил
Кора 3
Фил
Кора 4
Фил
За покривање, можете со глазура од чоколадо или шлаг. За декорација, по ваша желба.
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 9000+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!