Роловано Полнето Печиво со Кашкавал и Шунка

Роловано Полнето Печиво со Кашкавал и Шунка

Ако барате вкусно домашно печиво во кое сите ќе уживаат, ова роловано полнето печиво со кашкавал и шунка ќе ве освои! Мирисот и вкусот се неодоливи и се топат во уста.

Можете да си додадете и други филови по желба, на пример фета, обично сирење, итн. Тестото е меко, миризливо, и се најубави кога се јадат додека се топли.

Искомбинирајте си ги со чаша јогурт или ајран и уживајте во нив, дали за појадок или вечера, гарантирано нудат вкусно уживање!

Роловано Полнето Печиво со Кашкавал и Шунка

Потребно ви е:

600 гр брашно

1 лажица сув квасец

200 мл млеко, топло

100 мл кисела вода

120 мл масло

2 лажици шеќер

1 лажица сол

1 јајце

Останати состојки:

1 јајце за премачкување

50 гр путер за премачкување

Кашкавал

Шунка

Други полнења по желба

Подготовка:

Се замесува тестото од сите состојки и се остава да отстои 40 минути. Потоа, го делите на 16 еднакви топчиња и ги оставате да отстојат 10 минути. Секое топче го расукувате во правоаголна кора во големина отприлика на средна чинија.

На една страна ставете парче кашкавал и шунка, а другата се засечува по вертикала (мали засеци) и се витка како кифла, почнувајќи од страната со филот. Кога ги местите во тавче, делот со засеците треба да биде одозгора.

Нека отстојат во тавче 20 до 25 минути и потоа се премачкуваат со изматено јајце со малку млеко. Поросете со семки по желба. Печете на 200 степени Ц, околу 20 до 25 минути.

Кога се готови, премачкајте ги со 50 гр растопен путер.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои скоро 10,000 членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Leave a Reply

Your email address will not be published.