Руски капи се еден од омилените десерти на сите генерации. Нивниот чоколаден вкус е извонреден и толку се меки што не може да им се одолее!
Секогаш ми се супер идеја за десерт затоа што се превкусни и уникатни. А морам да признаам и многу фотогенични.
Супер одат со шолја кафе или чај, а стануваат уште поубави се кога ќе отстојат во фрижидер. Иако подготовката за да изгледаат вака совршени бара малку повеќе труд, но резултатот се исплати! Овој колач е полн погодок за љубителите на кокос!
Ќе имате супер десерт на кој ќе се гордеете и со задоволство ќе го уживате со вашите најмили. Ако секогаш сте сакале да си ги направите, а сте одолговлекувале, сега е моментот!
Го имам за вас совршениот рецепт-следете го чекор по чекор и направете си најубави домашни руски капи!
Руски Капи Рецепт
За кората:
4 јајца
10 лажици шеќер
300 мл масло за готвење
250 мл млеко
300 гр брашно
1/2 кесичка прашок за печиво
2 лажици какао
Подоготовка:
Изматете ги јајцата и шеќерот и додајте го маслото и млекото. Промешајте па додајте го брашното, прашокот за печиво и какаото. Измешајте уште еднаш да се соедини се убаво и префрлете ја смесата во тава број 40, распоредувајќи ја еднакво.
Печете на 180 степени Ц околу 25 минути. Извадете од рерна и нека се олади убаво. Кога ќе се олади, користејќи модла или округла чаша, ги вадите кружните форми. Потоа, секој од круговите се пресекува на половина, хоризонтално да добиете два круга од еден.
За филот:
400 мл млеко
6 лажици шеќер
2 лажици брашно
2 лажици густин
100 гр путер, изматен
2 лажици ванилин шеќер
+
100 гр кокос, за валкање и декорација
Подготовка:
Ставете 400 мл млеко и 6 лажици шеќер да зовријат па додајте 200 мл млеко претходно измешано со 2 лажици брашно и 2 лажици густин. Гответе да добиете густ крем. Тргнете на страна и покријте со стреч фолија.
Кога ќе се олади смесата, додајте го путерот и ванилиниот шеќер. На секој од круговите, размачкувате по една лажица од филот и се поклопува со другиот круг.
Премачкајте ги и странично со фил и потоа, ги валкате страните во кокос.
За чоколадната глазура:
100 гр чоколадо
50 мл масло
Стопени на пареа или во микро. Се преливаат одозгора.
Декорација со кокос или по желба.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 9000 членови кои споделуваат извонредни рецепти!