Кога ќе се спомне баклава, веднаш ме асоцира на убавите есенски денови-надвор имаме ниски температури, ама внатре е топло и мириса на овој вкусен десерт додека се пече!
Неколку пата имам напишано на блогот дека обожавам да испробувам разни видови на баклава, па така е и приказната за оваа сочна баклава со мак која е феноменална. Макот го обожавам во десертите, а кога е искомбиниран со баклава, секогаш е полн погодок.
Оваа баклава е едноставна за подготовка затоа што корите се готови, а филот се подготвува брзо и бара само неколку состојки. За кратко време, ќе имате вкусен десерт во кој вашето семејство и пријатели ќе уживаат. Тука се лимонот и ванилата за неодолива и незаборавна арома.
Ако ви се допаѓа овој десерт и одлучите да го испробате, не заборавајте да ги споделите вашите фотографии во коментар на оваа објава, во мојата група на фб Gotvime so Jadranka или на мојот инстаграм @gotvimesojadranka.
И секако, споделете го со вашите најдраги кои се големи обожаватели на баклава. Ќе ви бидат благодарни!
Сочна Баклава со Мак Рецепт
Потребно:
½ готови кори за баклава
200 гр мелен мак (јас го подготвувам во блендер)
4 јајца
100 гр шеќер
200 гр јогурт
200 гр масло за јадење
½ прашок за печиво
1 кесичка ванила
За шербетот:
600 гр шеќер
800 гр вода
1 лимон, исечен на кришки
1 кесичка ванила
Подготовка:
За да го подготвите шербетот, ставете ги шеќерот и водата да зовријат. Откако ќе зоврие смесата, продолжете да готвите уште 5 минути.
Додајте го лимонот и ванилата. Измешајте и тргнете на страна да се олади целосно. За да го направите филот, прво изматете ги јајцата со шеќерот. Потоа, додајте го јогуртот, маслото, прашокот за печиво, ванилата, и на крајот макот.
Убаво измешајте ја смесата.
Редете по три кори за еден ролат. Секоја кора ќе ја премачкате со филот. Наредете ги ролатчињата во тавче и сечете ги по желба. Се печат на 200 степени, 30 до 35 минути.
Кога ќе ја извадите баклавата, веднаш се посипува со оладениот шербет. Сервирајте и уживајте!
Ако сакате уште вкусни рецепти за баклава, овој за редена баклава со ореви ќе ве освои.
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 8700+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!