Неодамна купив готови кори од Kipper маркетот на кои пишуваше дека се печени на сач. Ми звучеa привлечно и решив да ги испробам. Одлучив да ги искористам за вкусни ролнички со фета и блитва- брз, а превкусен појадок.
Корите се прекрасни-морам да кажам дека од сите готови кори кои ги имам пробано досега, овие се некако најсочните, најмеките и најмиризливите. Ролничките уште повкусни-ровки, полни со преубав фил, и се вклопуваат совршено со чаша јогурт, кефир или ајран!
Топло ви ги препорачувам да ги пробате доколку сте во можност, но доколку си имате некои други омилени кори, ќе биде еднакво вкусно и со нив!
Филот кој го избрав е со сирење, фета, јајца и блитва, но навистина е многу прилагодлив рецептот и можете да си изберете за филот што вам ви е омилено. Јас често користам и спанаќ во вакви пити, така да мислам дека ќе бидат полн погодок во секој случај.
Ролнички од Готови Кори со Фил од Фета и Блитва
Потребно ви е:
1/2 готови кори (јас користев домашни кори печени на сач од Kipper)
За премачкување на корите:
400 мл млака вода
150 мл масло за готвење
За фил:
2 јајца, изматени
350 гр дробено сирење или урда
100 гр фета сирење
2 лажици павлака
200 гр блитва
Останато:
+малку путер
Подготoвка:
За да го подготвите филот, изматените јајца измешајте ги со останатите состојки.
Потоа, секоја кора посебно се премачкува со масло и вода и се става фил низ целата кора и се витка како ролат. Ги префрлате во тавче и сечете по желба.
Пред печење, се премачкуваат со малку масло и се печат 25 до 30 минути на 200 степени Ц. Кога ќе се испечат, премачкајте ги со малку путер.
На здравје!
Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои 8500+ членови кои споделуваат извонредни рецепти!