Вкусен Појадок:Лисната Пита со Сирење

Вкусен Појадок:Лисната Пита со Сирење

Домашните пити и баници се обележје на нашата Македонска традиционална кујна па и затоа уживам да ги подготвувам. Се надевам и вие!

Дали е тоа Кумановски препеќ, сукана баница со праз или оваа сочна лисната пита со сирење, правењето домашно печиво е секогаш поубавата варијанта.

Па затоа, кога имате слободно време и сакате да подготвите нешто вкусно за вашите најблиски, на пример, вкусен појадок кој оди одлично со чаша јогурт или кисело млеко, топло ви ја препорачувам оваа пита.

Не одзема премногу време и за брзо ќе си имате одличен оброк.

Зошто да ја Направам Оваа Пита кога Можам да си Купам од Најблиската Пекара?

Секако, секој од нас, некогаш нема време да подготви свој оброк и купуваме во пекара или нарачуваме од ресторан.

И ова е сосема во ред-денес има преубав избор од каде можете да купиме квалитетна храна.

Но, сепак, прашањето е, дали таа храна може да ја замени магијата на создавањето и уживањето на сопствени оброци.

Мислам дека сите го знаеме одговорот, нели?

Исто така, иако овој пат ја направив со фил од дробено сирење, има многу други опции кои можете да си ги ставите и да ги задоволите вкусовите на сите најблиски.

Затоа и ми се допаѓа оваа пита-основата е иста, а можностите за фил се разни и никогаш нема да ви здосади!

Лисната Пита со Сирење Рецепт

*правоаголна тава бр. 30

За тестото, потребно ви е:

500 гр брашно

300 мл млака вода

1 лажичка сол

1 лажичка шеќер

1/8 квасец (од 1 коцка)

Подготовка:

Замесете меко тесто од состојките и нека одмори 15 минути. Потоа, поделете го тестото на 24 делови.

За едниот дел треба да се направат 13 кори, а за другиот 11.

Секој дел треба да го исукате во големина на тацна и да ги споите со маргарин или путер (вкупно ќе ви треба околу 200 гр.)

Потоа, треба да се стават да отстојат 30 минути во замрзнувач.

Подгответе го филот во меѓувреме.

Потребно ви е:

500 гр сирење, издробено

4 јајца, изматени

Измешајте убаво заедно.

Потоа, извадете го тестото од замрзнувач. Првин, исукајте правоаголна кора од 11те кори.

Испрскајте со масло и ставете го филот и распоредете убаво.

Потоа, исукајте правоаголна кора од 13те кори и покријтеја првата.

Премачкајте одозгора со јајце и можете да ставите сусам, ким и било кои други семки по ваш избор.

Сечете на коцки или по желба (пред печење).

Печете на 200 степени Ц околу 30 минути.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои прекрасни 4500 членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Споделете:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *