Вкусна Пита со Спанаќ, Коприва и Урда

Вкусна Пита со Спанаќ, Коприва и Урда

Додека сме уште во сезоната на коприва, ви препорачувам да си ја пробате оваа превкусна пита со кори од хељда и сочен фил од спанаќ, коприва и урда.

Совршен појадок, ручек или вечера, оваа пита се прави лесно, а вкусот е незаборавен.

Кога ќе се подготви правилно, копривата не е само превкусна состојка за извонредни јадења, туку е и богата со хранливи состојки.

За хељдата имам пишувано неколку пати околу тоа колку е здрава оваа псеудо житарка и зошто треба да биде на нашите трпези почесто. За спанаќот мислам дека нема потреба многу да се пишува затоа што нема човек кој не знае дека ова е еден од најздравите зеленчуци во светот.

Совршена е ова пита да си ја комбинирате со чаша јогурт, ајран или кефир. Можете да си ја сервирате и со кајмак или крем сирење. Корите се топат во уста, а богатиот фил ве остава без зборови.

А еве како да си ја подготвите.

Пита со Кори од Хељда со Спанаќ, Коприва и Урда

Потребно ви е:

½ кг кори од Хељда

За премачкувањето на корите:

250 мл млеко

150 мл масло

2 лажици црно брашно

2 јајца

1 лажица шеќер

1 лажичка сол

1 кесичка сув квасец

Подготовка:

Од состојките направете смеса како за палачинки.

Со по три лажици од смесата се мачка секоја кора и се редат по три кори една врз други.

За филот:

200 гр спанаќ

200 гр коприва

200 гр урда

На третата кора премачкајте со мешавината за филот. Виткате како ролат.

Сечете пред печење по желба. Од смесата како за палачинки ако ви остане можете да ги прекриете одозгора.

Наросете сусам и печете на 200 степени Ц околу 25 минути.

На здравје!

Си одите веќе?-Нема проблем! Можеме да се дружиме и да споделуваме рецепти и на социјалните мрежи! Следете ме на инстаграм за уште многу прекрасни рецепти gotvimesojadranka и придружете се на мојата ФБ група Gotvime so Jadranka која веќе брои скоро 8000 членови кои споделуваат извонредни рецепти!

Leave a Reply

Your email address will not be published.